Карате–до

Карате за инвалиди

Идејата за Карате за инвалиди се родила уште пред 40 години при демонстрирање на кати со употреба на столче и се увидело дека телото може да се стави во функција на вежбање карате без употреба на нозе. Во тој период луѓето не биле спремни да прифатат такви предизвици, за разлика од денес кога се спремни и расположени за прифаќање на нови идеи и можности.

Доколку еден дел од телото на човекот не може да се употребува, другиот дел може да се адаптира за користење на карате техниките. Токму поради тоа постои каратето за инвалиди, кое сепак не е наменето само за инвалидите. Методите кои се аплицираат во овој начин на тренинг се идеални и за луѓе кои се рехабилитираат после болест, луѓе кои се физички слаби или кои поради различни причини не се во можност да го практикуваат каратето на вообичаениот начин.

Денес, во светот се бележи пораст на популацијата на инвалидизирани и сериозно заболени луѓе. Токму вежбањето претставува природен начин на зајакнување на организмот. За жал инвалидите и болните сметаат дека е невозможно да вежбаат. Поради физичката неактивност телото ослабува, мускулите на здравите делови на телото атрофираат, поради што луѓето многу често заболуваат од нови болести, а нивното секојдневие е депресивно.

Практицирањето на карате продуцира позитивни ефекти за личноста од физички, духовен и филозофски аспект. Се рефлектира во зајакнување и заздравување на телото, физички развој, подобрување на циркулацијата на крвта и метаболизмот, стекнување на духовна стабилност, дисциплина, самодисциплина, самодоверба, почит кон себе и кон другите, чувство на сигурност, праведност, упорност и умереност.

Каратето за инвалиди се имплементира преку усовршување на 10 кати и посебна ката, креирана од Асаи за зацврстување на духот на оној кој вежба, а може да вежбаат и жени и мажи од 6 до 66 години.

Денес, каратето за инвалиди со голема брзина се развива не само во Јапонија, туку и во 45 земји членки на Организацијата. Од 2001 година наваму се одржуваат и Светски шампионати, на кои учествуваат инвалиди-каратисти од целиот свет. Покрај желбата и можноста за освојување на трофеи, огромно е задоволството од ширењето на нови пријателства со трајни вредности и размена на нови и корисни искуства. Целта на Организацијата е претставувањето на каратето на параолимписките игри.


mail: contact@samurai.org.mk телефон: +389 2 3220311; +389 70 360000
адреса: О.У. Кузман Јосифовски Питу,   ул.Банско б.б.   1000 Скопје – Република Македонија